Куба остана без струја, откажа главната електрана на островот
Куба остана без електрична енергија. Властите прогласија вонредна состојба откако главната електрана на островот откажа. Запрени се активностите на јавниот сектор. За проблемот вината се префрла на зголемените американски санкции, неодамнешните урагани и лошата состојба на инфраструктурата.

Куба остана во мрак. Главната електрана на островот откажа. Десет милиони жители се соочуваат со колапс на електричната мрежа. Властите прогласија вонредна состојба на островот откако претходно го редуцираа снабдувањето со електрична енергија.
„Се тушираме покрај заливот Хавана. Се миеме како домородните луѓе – ништо страшно. Само што се измив со дождот. Нема струја – отсекогаш било вака“, рече локален жител
„Мракот ни ги промени плановите. Мојот братучед штотуку пристигна, па сепак излеговме. Секаде на друго место е темно, па се задоволуваме со батериите на мобилните телефони и тоа што сме надвор“, рече друг.
Владата во четвртокот ги суспендираше сите несуштински активности на јавниот сектор за да им даде приоритет на домаќинствата во снабдувањето со електрична енергија.
„Постои мислење на непријателите дека состојбата во земјата ќе се влоши, дека ова нема да се реши и ви велам, со сета објективност и транспарентност каква што заслужува, не сме во дното на бездната“, изјави Мануел Мареро, премиер на Куба.
Шефот на електроснабдувањето во министерството за енергетика рече дека процесот на враќање на струјата е во рана фаза. За проблемот вината се префрла на зголемените американски економски санкции, прекини предизвикани од неодамнешните урагани и лошата состојба на инфраструктурата.
„Признаваме дека ситуацијата е многу тешка, но оние нас кои управуваме со овие процеси се многу чувствителни на фактот дека има проблеми и тешкотии и дека прекините се многу силни“, изјави Алфредо Лопез, генерален директор на Електричниот сојуз на Куба.
Куба добива електрична енергија од осум застарени термоелектрани, како и од седум пловечки централи изнајмени од турски компании.
Маријана Димовска
