Здравство

За една седмица пет нови случаи на пертусис во Куманово

19.10.2024 13:44

Нови пет случаи на заболени од пертусис во Куманово. Сепак, надлежните уверуваат состојбата е стабилна. Најдобрата заштита против голема кашлица останува вакцинацијата.

Петмина нови случаи на заболени од пертусис, регистрира центарот за јавно здравје Куманово. Од епидемиолошката служба информираат дека заклучно со 10-ти октомври годинава во североистокот, пријавени се 148 случаи на голема кашлица. Споредено со претходните недели забележано е намалување. Од петмината заболени, двајца се на возраст од 30 до 33 години, останатите се деца до четири години.

„Се следи состојбата сè уште остануваат оние мерки и активности кои ги презема ЦЈЗ епидемиолошката служба, заедно со вакциналните пунктови од здравствените домови. Вакцинацијата останува основната превентивна мерка кон која треба да бидат сите насочени. Се пребаруваат невакцинираните, неевидентирани, нови, сомнителните“, изјави раководителот на одделението за епидемиологија, од Центарот за јавно здравје Куманово, д-р Јадранка Стаменковска.

Состојбата со пертусис во Куманово сепак укажуваат надлежните е стабилна. Вкупниот број од 148 случаи зафаќа десет и пол проценти од бројот на заболени во земјава. И граѓаните согласни дека вакцинацијата е најдобрата заштита.

Центарот за јавно здравје продолжува да ги презема мерките согласно укажуваат на здравствени установи.

Останува апелот заболените да се изолираат, матичните доктори навреме да ги упатуваат за испитувања и редовно да ги пријават во епидемиолошката служба.

 

Елена Георгиевска