Политика

Власта и опозицијата со спротивставени ставови за извештајот на Светска банка

19.10.2024 17:35

Зголемувањето на платите во образованието подразбира повисоки плати за сите вработени, наставници професори, технички персонал изјави премиерот Мицкоски. Вели успеавме да го запреме слободниот пад на економијата, економските показатели се позитивни. СДСМ со став – лоши прогнози на Светска банка, политиките на владата се неуспешни.

Со потпишаниот договор со СОНК за зголемувањето на платите во образованието, пет проценти повеќе во октомвриската плата ќе добијат, не само наставниците туку и сите чинители во образовниот процес, прецизираше премиерот Христијан Мицкоски. Во насока на подобрување на економската состојба во земјава премиерот информираше и дека од јули досега се исплатени повеќе од 1,3 милијарди денари субвенции на повеќе од 20.000 земјоделци во Македонија. Мицкоски вели, слободниот пад во економијата го сопревме, катастрофално беше управувањето со државните ресурси на претходната власт.

Социјалдемократскиот сојуз обвинува дека извештајот на Светска банка е поразителен за економската состојба на земјава. Не е постигнат очекуваниот раст од 2,5 проценти, а сето тоа поради, како што велат, лошите економски политики на власта. Како главна причина го посочуваат топло-ладниот однос за реализирањето на клучните инфраструктурни проекти, Коридорите 8 и 10Д. Излез од лошата состојба се мерките предвидени во Планот за раст на Европската Унија, вели Битиќи.

Светската банка го презентираше извештајот во четвртокот. Во делот на клучните услови и предизвици за Македонија се вели дека земјата се бори да закрепне по кризите.

 

Марина Стојанова – Тонева