Затворена скопската Зоолошка градина
Затворена за посетители е скопската Зоолошка градина. Инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство се на терен. Се проверува сомнежот за смртоносна болест кај птиците. Менаџментот најави кривични пријави против директорот на АХВ и инспекторите кои, како што велат, упаднале без налог. Граѓаните кои денеска дојдоа на влезот ги пречека соопштение дека Зоолошката градина е затворена поради техничко-оперативни работи…

Од изутрина скопската Зоолошка градина е ставена под клуч. Неофицијално станува збор за опасен вирус, а на терен во моментов се од Агенцијата за храна и ветеринарство, каде што испитуваат што е во прашање. Сите посетители коишто во моментот се затекнале во скопската Зоолошка градина, биле евакуирани.
Граѓаните кои дојдоа на влезот на зоолошката ги пречека известување во кое е објавена причината за затворањето на зоолошката. Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдија дека нивни инспектори се на терен.
Советник на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Стефан Кирков, вели дека деновиве во зоолошката угинале неколку видови птици и под сомнение дека станува збор за птичји грип, добиен е налог од Агенцијата за храна и ветеринарство оваа институција да биде затворена 21 ден, додека не се утврди точната причина, но тоа не е испочитувано.
Се огласија и од Зоолошката градина, најавија кривични пријави до директорот на АХВ и инспекторите кои, како што велат, упаднале без налог.
„Од изутрина без налог, решение или каков било друг доказ, инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје, упаднаа во ЗОО – Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк“, пишува во соопштението.
Според Ѓорѓи Галетановски. Поранешниот директор на скопската Зоолошка градина од редовите на СДСМ, затворањето на истата не е опција. Вели дека примарни се е редовните дезинфекции и дератизации, како и редовни извештаи од ветеринарите.
Градоначалничката Данела Арсовска, во нејзиниот досегашен мандат смени четворица директори на зоолошка, постојано е мета на критики во јавноста поради големиот број угинати животни.
Александра Спировска
