Скопје

Скопската зоолошка ќе биде затворена три недели, потврден е птичји грип

19.10.2024 18:20

Од изутрина скопската Зоолошка градина е ставена под клуч. Сите посетители коишто во моментот се затекнале во скопската зоолошка градина, биле евакуирани. Потврден е птичји грип кај угината гуска, лоцирана во езерцето во Зоолошката градина Скопје...

Од изутрина скопската Зоолошка градина е ставена под клуч. Сите посетители коишто во моментот се затекнале во скопската зоолошка градина, биле евакуирани.

Потврден е птичји грип кај угината гуска, лоцирана во езерцето во Зоолошката градина Скопје. По лабораториски резултат од Факултетот за ветеринарна медицина наредени се мерки за надзор на болеста, а извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка кои биле во зоолошката, известија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Забранет е влез и излез на животни од Зоолошката градина, ограничено е движењето на посетители во Зоолошката градина, наредени се мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во Зоолошката градина за присуство на вирусот на птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзино ширења надвор од Зоолошката градина кај животните и кај луѓето. Мерките ќе бидат на сила 21 ден почнувајќи од денес за кој временски период и зоолошката градина ќе биде затворена за посетители“

Директорката на институтот за јавно здравје, Марија Андонова, за Македонската телевизија вели дека направен е итен состанок помеѓу АХВ, Центарот за јавно здравје и епидемиолог од Институтот за јавно здравје.

Сепак, вели Надонова, простор за паника нема, бидејќи како што вели, овој тип на птичји грип е пренослив од птиците на човек, но треба да има преголема близина за да се пренесе вирусот.

Претходно, се огласија и од Зоолошката градина, најавија кривични пријави до директорот на АХВ и инспекторите кои, како што велат, упаднале без налог.

„Од изутрина без налог, решение или каков било друг доказ, инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје, упаднаа во ЗОО – Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на директорот на АХВ, убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во Градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од Градскиот парк“, пишува во соопштението.

 

Александра Спировска