Во Србија голем број ученици го изучуваат македонскиот јазик
Во Србија во училиштата се зголемува бројот на македонски ученици кои го изучуваат македонскиот јазик, во 9 места над 300 деца учат македонски јазик

Од 2012-та година кога во Оучилиште „Гоце Делчев“ во Јабука се запишаа првите 5 македонски ученици да го изучуваат изборниот предмет Македонски јазик со елементи на националната култура, до денес, нивниот број се зголеми на 300 запишани деца во 10 училишта во 9 места, кои ја остваруваат законската можност во Србија да го изучуваат македонскиот јазик.
Овие податоци, предностите и проблемите беа презентирани на состанокот во Белград на кој за прв пат беа собрани македонските учители во Србија, во организација на Македонскиот национален совет.
„Многу е битно учениците да го изучуваат македонскиот јазик, да ја изучуваат националната култура бидејќи така се чува идентитетот, традицијата и нитката со македонската држава. Но, се соочуваме и со проблеми бидејќи ни фалат учебници што ги обезбедува Србија и ни е потребна поголема институционална поддршка од Македонија, во вид на учебници, наставни помагала и дополнителни средства за да можат наставниците поквалитетно да ја изведуваат наставата“, вели Зорица Митровиќ Претседател на Македонскиот национален совет на македонското малцинство во Србија
Директорката на ОУ Бора Станковиќ од општина Лесковац, изјави дека во нејзиното училиште македонскиот јазик го учат 70 ученици во 9 групи, од прво до четврто одделение.
„Децата во нашето училиште имаат желба и волја да го учат македонскиот јазик, им се допаѓа јазикот и културата. Од година на година расте нивниот интерес и се надеваме дека ќе го одржиме волку големиот број на деца“, вели Татјана Гавриловиќ, директорка на ОУ Бора Станковиќ, Богоевац, општина Лесковац.
Изборниот предмет Македонски јазик со елементи на националната култура во Србија се учи во основните училишта во Јабука, Пландиште, Качарево, Богојевце, Гудурица, Хајдучица, во Нови Сад, Вршац и најмногу во Лесковац каде 122 деца го учат овој предмет во две училишта.
„Во тек се активности да отвориме група и во трето основно училиште, се надеваме дека овој број ќе расте и нашите внуци ќе го изучуваат јазикот на нашите предци“, рече Маре Каранфиловиќ Лесковац, претседателка на одборот за образование на Македонскиот национален совет во Србија.
На состанокот на македонските наставници, беше посочена и потребата од обнова на Катедрата за македонски јазик на Белградскиот универзитет, како место каде би се профилирал потребниот наставен кадар, кој е дефицитарен во цела Србија.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
