БЛИСКИ ИСТОК

Продолжува израелската офанзива во Либан

20.10.2024 12:20

Израелските одбранбени сили соопштија дека го наапднале седиштето на разузнавачката служба на Хезболах во Либан. Елиминирани се команданти на милитантната група. Жестоки битки и во Газа. Вашингтон бара Израел да ги намали нападите врз Бејрут. Иран согласен на дескалација и предупредува дека можноста за војна во целиот регион на Блискиот Исток е сериозна...

Блискиот исток не мирува. Тел Авив продолжи со жестоки напади врз јужните предградија на Бејрут откако побара од населението да се евакуира. Изутрина нападнато и седиштето на разузнавачката служба на Хезболах во Либан, елиминирани команданти. Акциите следуваат по ракетниот бараж кон северот на Израел и испраќањето дрон кон приватната резиденција на израелскиот премиер Нетанјаху.

„Издадовме рано предупредување до граѓаните да ги евакуираат зградите пред нападот, а потоа ги нападнавме. Не застануваме, ние сме во војна и ги напаѓаме сите места што Хезболах ги користи за тероризам“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израел.

Од почетокот на офанзивата во Либан елиминирани повеќе од 1.500 оперативци на Хезболах, тврдат од Израелската одбрана. Од Вашингтон велат дека би сакале Израел да намали со нападите во Либан, особено во и околу Бејрут.

„Ние би сакале Израел да намали со нападите што ги презема, особено во и околу Бејрут. Исто така, би сакале да видиме дека работите ќе преминат кон некаков вид преговори, што ќе им овозможи на цивилите од двете страни на границата да се вратат во своите домови“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.

Од состанокот во Италија, министрите за одбрана на Г-7 апелираат Иран да се воздржи од давање поддршка на Хамас, Хезболах, Хутите и од преземање какви било дополнителни мерки кои би можеле да го дестабилизираат регионот на Блискиот Исток …

„Инсистираме на итен прекин на огнот во Појасот Газа, ослободување на сите заложници и значително зголемување на хуманитарната помош за цивилното население. Во исто време ја повторуваме итноста за изнаоѓање политичко решение кое води кон создавање две држави“, дециден е Гвидо Крозето, министер за одбрана на Италија.

Од Техеран повикуваат на деескалација, но предупредуваат дека ликвидирањето на големи водачи како лидерот на Хамас, Синвар, му даваат повеќе стимулации и поголема брзина на палестинскиот народ.

„Регионот се претвори во буре барут, а неговата експлозија може да ги загрози, не само мирот и безбедноста на регионот, туку и целиот свет. Можноста за војна во регионот останува сериозна грижа, и никој во регионот, освен ционистичкиот режим, не ја посакува оваа ситуација“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Во меѓувреме, Цивилната одбрана на Појасот Газа соопшти дека повеќе од 400 луѓе се убиени од почетокот на офанзивата на северот на 6-ти октомври. Во Тел Авив продолжија протестите за прекин на огнот и враќање на заложниците.

Маријана Димовска