КСОМ

Ристески: Работодавците да не вршат притисок врз работниците

20.10.2024 15:04

Од Конфедерацијата на синдикалните организации во Македонија (КСОМ) тврдат дека во последно време има сериозни прекршувања на законите од страна на сопственици на компании во однос на правото на работниците за синдикално организирање...

Од Конфедерацијата на синдикалните организации во Македонија (КСОМ) тврдат дека во последно време има сериозни прекршувања на законите од страна на сопственици на компании во однос на правото на работниците за синдикално организирање, како и зголемен притисок од страна на директорите врз работниците преку институции, насочен кон гасење на синдикалните организации од кои дел се од КСОМ. Доколку продолжи притисокот најавуваат протести пред седиштата на компаниите кои тоа го прават и се надеваат на поддршка и од останатите синдикати.

На нивна адреса стигнале поплаки од работници од 40-тина компании, најголем дел од градежниот сектор. Стравуваат од синхронизирано дејствување на работодавците.

- Одредени работодавачи, особено во приватниот сектор, синхронизирано и организирано без да бираат средства вршат големи притисоци врз работниците за да не се организираат синдикално, дури и во некои компании каде ние имаме свој синдикат. Тоа го прават преку разни комисии кои даваат приговори на Првостепена, а потоа и на Второстепена комисија за да дојде до згаснување на синдикатите, а на крај дури и до Управен суд. Додека Управниот суд донесе одлука може да потрае и до три години, а во тој период не смее да се формира нова синдикална организација. На следниот состанок на Економско-социјалниот совет ќе побараме помош за тоа и од премиерот, истакна претседателот на КСОМ Марјан Ристески на денешната прес-конференција

Од Конфедерацијата на синдикални организации апелираат, работодавците да не вршат притисок врз работниците.