Зоолошката градина под клуч, четворица вработени одат под здравствен надзор
Четворица вработени од Зоолошка одат под здравствен надзор, едно лице ќе биде тестирано за птичји грип оти пројавило симптоми. Од ИЈЗ изјавија дека 16 вработени од Зоолошка, 15 се анкетирани од епидемиолози. Зоолошката градина во Скопје од вчера е под клуч поради птичји грип. Иако детектирале угинато животно од ЗОО Скопје не постапиле по законските процедури, соопштуваат од АХВ...

Четворица вработени од Зоолошка ќе бидат под здравствен надзор, еден од нив пројавил симптоми, ќе биде тестиран за присуство на птичји грип. Институтот за јавно здравје добил листа од 16 лица, вработени во Зоолошката градина, на 15 им е направена епидемиолошка анкета. Директорката на ИЈЗ, Андоновска, вели нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката доколку немале директен контакт со заболените птици.
Според АХВ, ЗОО Скопје иако детектирале угинато животно на 14-ти октомври, не постапиле по законски процедури каде што се должни секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот ветеринар. Наодот со кој е потврден вирусот на птичји грип во агенцијата стигнал на 18-ти октомври.
„Како Директор на АХВ донесов Решение за прогласување на болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птиците и наредување на заштитни и контролни мерки. Сомнежите во јавноста и споделените видеа за начинот на собирање и отстранување на затекнатата живина во одгледувалиштето се во целост со почитување на протоколите за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца и Законот за благосостојба на животните и меѓународните протоколи, и не е во ред да бидат коментирани од лица некомпетентни за истото“, се појаснува во соопштението од АХВ.
Зоолошката е установа која ја пратат само инциденти, вели советникот во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков.
Скопската Зоолошка градина е втор ден под клуч, за прв пат од нејзиното постоење. Детектиран е птичји грип кај угината гуска, а како превенција да не се рашири вирусот, инспектори од АХВ еутаназираа повеќе видови птици.
Сепак од Зоолошката градина најавија дека следат кривични пријави за инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и до директорот, бидејќи според нив во Зоолошката градина влегле без налог, за да извршат еутаназија на птиците.
Реагираа и од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, бараат одговорност за како што велат убиството на птиците.
Александра Спировска
