Политика

Реакции за изборот на новиот директор на АНБ

20.10.2024 17:00

Безбедносните служби мора да функционираат во интерес на народот и државата, а не како досега да служат како инструмент за партизација, велат од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ бараат итно повлекување на Бојан Христовски и како што велат, отворање транспарентна постапка за избор на нов директор на АНБ …

По целосната партизација од страна на СДСМ на безбедносните служби, следи нивна професионализација, став на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според партија изминативе седум години во клучните служби кои се од суштинска важност за безбедноста на државата на раководни места биле назначувани партиски послушници. „ВМРО-ДПМНЕ ја прекинува практиката на партиска контрола над безбедносните служби. Стручноста, професионализмот и интегритетот ќе бидат водечки принципи“ се вели во соопштението.

„Заврши времето на партиски послушници во безбедносните служби. Потсетуваме дека СДС изврши партизација и во УБК, кога за директор го постави Миле Зечевиќ, кој своевремено беше висок партиски функционер, а потоа стана и генерален секретар. Но, за разлика од партиските назначувања на СДС, за ВМРО-ДПМНЕ приоритет е стручноста, професионализмот и компетентноста на кадрите. Изборот на Бојан Христовски за директор на АНБ е чекор кон враќање на професионализмот и интегритетот во безбедносните служби, кои ќе работат за заштита на државните интереси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите освен за партиската ангажираност, се сомневаат и во стручните квалификации на новиот директот на Агенцијата за национална безбедност. Според СДСМ, иако Христовски пријавил во биографијата пет календарски години раководен стаж, недостасуваат прецизни датуми за неговото раководно искуство во УБК во периодот од 2012 до 2017 година. Има ли Христовски вистински документ за соодветно познавање на Англиски јазик како што посебните законски услови бараат, прашуваат од партијата.

„Новиот директор на АНБ нема диплома за англиски јазик. Законските услови за оваа позиција во делот на образованието се исполнети дури минатата година, со дипломирање на Економскиот факултет на Универзитетот за туризам и бизнис во Скопје. Но, претходно, тој бил дипломиран тренер по кик-бокс со што не ги задоволувал законските критериуми предвидени за оваа важна функција. Понатаму, во Биографијата објавена од Факултетот за безбедност, Христовски приложил Уверение за познавање на англиски јазик TOEFL од училиште во Пловдив – Бугарија“, велат од опозициската СДСМ.

Христовски е поставен на челната позиција на АНБ минатата недела.

 

Марина Стојанова – Тонева