Култура

Гран при на „Киненова“ за филмот „Жена-убиец“

21.10.2024 09:05

Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ синоќа, на последната фестивалска вечер, во преполната сала во присуство на бројни филмски работници, уметници, актери, режисери, претставници на политичкиот и културниот живот на земјава и претставници на дипломатскиот кор беа доделени наградите на 9. издание на МФФ Киненова.

Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ синоќа, на последната фестивалска вечер, во преполната сала во присуство на бројни филмски работници, уметници, актери, режисери, претставници на политичкиот и културниот живот на земјава и претставници на дипломатскиот кор беа доделени наградите на 9. издание на МФФ Киненова.

„Гран при“ доби филмот „Жена-убиец“ на грчката режисерка Ева Натена, која на оригинален начин го доловува родовото прашање, адаптирајќи за големото платно ремек-дело на светската литература со одлична режија.

Наградата за најдобро сценарио ја доби Навид Михандуст за филмот „Кафе“.

Заблагодарувајќи се за признанието, неговата сестра Неда, која ја прими наградата рече дека е мошне тешко да се стои на оваа сцена и да го претставува својот брат, кој е осуден на три години затвор и ја прочита неговата порака:

„Мојот филм е обид да се зборува за едно од основните човекови права, а тоа е слободата на изразување. За жал, ова им е забрането на голем број луѓе во мојата земја. Му благодарам на жирито и на Фестивалот и оваа награда му ја посветувам на Бекташ Актим, ирански режисер и поет кој почина пред четири години во истиот овој затвор каде што се наоѓам во моментов. Се надевам дека ќе дојде ден кога ниту еден уметник во светот нема да биде во затвор поради изразување на своите верувања.“

За најдобар краток филм е награден „48 часа“ на иранската режисерка Азадех Мусави, за брилијантно режиран филм кој на површината е политички, но длабоко во себе ги прикажува суптилностите и нијансите на семејните односи и родителството, но и многу вешто успева да ги премине културните граници.

Одлуката на жирито ја соопшти претседателот на жирито, Јани Бојаџи, кој рече дека исклучително лесно и брзо го завршиле жирирањето поради едноставна причина – работел со две умни жени.

Фестивалот се затвори со проекција на филмот „На сè ќе дојде крај“ на режисерот Рајко Грлиќ, а по проекцијата пред присутните се претставија продуцентката Елена Станишева и актерот Јанко Поповиќ Волариќ.