Трипуновски: Работиме на враќање на довербата на земјоделците кон институциите
Она што ние го правиме како стратегија е првин да ја вратиме довербата на земјоделците кон институциите затоа што тоа е клучниот момент зошто се намалува нашето производство, истакна министерот за земјоделство, шумарство, и водостопанство, Цветан Трипуновски...

„За жал Македонија минатата година има потрошено над една милијарда евра за храна. Она што ние го правиме како стратегија е првин да ја вратиме довербата на земјоделците кон институциите затоа што тоа е клучниот момент зошто се намалува нашето производство“, истакна министерот за земјоделство, шумарство, и водостопанство, Цветан Трипуновски во интервју за Дневникот на МРТ1.
„Работиме на проектирање и враќање во функција на системите за наводнување бидејќи тие се важен сегмент во делот на земјоделското производство. Исто така работиме на креирање на вистински мерки, програми коишто ќе имаат ефект врз земјоделското производство“, појасни министерот Трипуновски.
Тој додаде дека субвенциите ќе бидат редовно исплаќани.
„Потребно е да почувствуваат земјоделците дека од другата страна имаат партнер со којшто можат да разговараат и да ги надминуваат проблемите“, нагласи министерот.
Трипуновски додаде дека ефектите од мерките коишто тој ги планира со својот тим, земјоделците ќе ги почувствуваат во 2025-та година.
„Сега на прагот е есенската сеидба на пченицата и на житните култури. И веќе од наредната жетва ќе почувствуваме дека навистина сме помогнале и дека сме креирале мерки коишто ќе дадат ефект врз нашето земјоделско производство. Јас сум убеден дека тоа ќе го постигнеме зашто ги имаме сите квалитетни предуслови почва, вода и сончеви денови, го имаме и вредниот земјоделец којшто чека од другата страна односно од Владата да му помогне да го стимулира она што го произведува“, заклучи тој.
Министерот истакна дека има засилени контроли за тоа што влегува во Македонија како храна. Граѓаните треба да јадат безбедна храна.
„Јас како министер постојано сум на терен со земјоделците, се со цел да постигнеме што е можно повеќе и да ја вратиме довербата којашто беше изгубена изминативе години“, додаде министерот Трипуновски.
