Молдавија

Во Молдавија се одржаа претседателски избори и рефенрендум за членство во ЕУ

21.10.2024 09:44

Неизвесно дали Молдавија ќе се заложи за влез во европското семејство. Тесниот резултат, кој е неочекуван со оглед на претходните анкети, предизвика загриженост кај актуелната проевропска претседателка Маја Санду, која ја обвини Русија за странско мешање и купување гласови...

Граѓаните на Молдавија поделени помеѓу истокот и западот. Исходот од референдумот за промена на Уставот и заложбата за членство во ЕУ е во неизвесност, резултатите се речиси изедначени. Во исто време во земјата се одржа и првиот круг од претседателските избори, вториот е закажан за 3-ти ноември. Претседателка Маја Санду која се залага земјата да биде дел од европскиот блок води пред поранешниот државен обвинител Александар Стојаногло. Кампањата ја одбележаа обвинувања за руско мешање.

„Криминалните групи, кои работат заедно со странски непријателски сили против нашите национални интереси, ја нападнаа нашата земја со десетици милиони евра, лаги и пропаганда, користејќи ги најсрамните средства за да ги задржат нашите граѓани и нашата нација заробени во неизвесност и нестабилност. Имаме јасни докази дека овие криминални групи имале за цел да купат 300.000 гласови – измама од невидени размери“, изјави Маја Санду, претседателка на Молдавија.

Олигарх, чија партија беше забранета поради наводен обид за државен удар, се посочува дека ја одиграл клучната улога во шема за поткупување гласачи против ЕУ и директно насочување на Кишињев кон Москва. Русија, која има неколку стотици војници во поранешна советска база во молдавскиот регион Придњестровје, негира дека се обидела да влијае на гласањето.

„Овие тактики на Русија предизвикаа малку да се намали бројот на поддржувачи на европската интеграција. Русија шири дезинформации, манипулира, ги плаши граѓаните дека ако се интегрираат во Европа, нивната земја, па дури и независноста ќе им биде одземена“, изјави Николае Негру, новинар.

„Во март се сретнав со претседателот Путин и разговаравме за проекти за регионот каде Русија може да помогне. Веќе постигнавме неколку работи, како екстра пари за пензионерите“, изјавин Јевгенија Гуцул, гувернер.

Молдавија, земја со над 2,4 милиони жители доби значителна дипломатска поддршка за проевропските аспирации. Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен најави европски инвестиции од речиси две милијарди долари, што ќе ја удвои економијата на земјата во рок од една деценија.

 

Маријана Димовска