Предавање за Ацо Шопов на македонистката Намита Субиото од Словенија на Филолошкиот факултет
Денеска во 13 часот словенечката македонистка и славистка, проф. Намита Субиото од Словенија, ќе одржи предавање на тема: „Ацо Шопов во контекст на македонско-словенечките книжевни и културни врски во XX век и денес“. Со македонската јавност ќе бидат споделени и дел од согледбите и заклучоците од најновите истражувања на словенечката книжевна македонистика...

Истакнатата словенечка македонистка и славистка, еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик, литература и култура во странство, проф. Намита Субиото од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана ќе гостува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Денеска во 13 часот таа ќе одржи предавање на тема: „Ацо Шопов во контекст на македонско-словенечките книжевни и културни врски во XX век и денес“. Со македонската јавност ќе бидат споделени и дел од согледбите и заклучоците од најновите истражувања на словенечката книжевна македонистика.
Минатата година, професорката Субиото иницираше и оствари темелно истражување за рецепцијата на творештвото на Шопов во Словенија што резултираше со откривање и на непознати или помалку познати и неафирмирани факти што се значајни за македонско-словенечките книжевни и културни врски, но и за вреднувањето на македонските книжевни и воопшто културни вредности во словенечката културна средина. Како резултат на истражувањето, веќе се случија значајни објави во Словенија, вклучително и нови преведувачки потфати, а ова е прво нејзино предавање во коешто пред македонската стручна јавност овие согледби и информации ќе бидат и интегрално презентирани. Воедно, во рамките на настанот, за прв пат пред македонската јавност ќе биде претставена и книгата „Златен круг на времето“ – избор од поезијата на Шопов на македонски и во препев на словенечки јазик што неодамна беше објавен во Словенија. Претставувањето н книгата ќе биде преку разговор што со Субиото ќе го води проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска како темелен познавач и истражувач на современата македонска поезија. Инаку, ова обемно издание што воспоставува дијалог помеѓу поезијата на Шопов и уметничките дела на академскиот сликар Боге Димовски е прв избор од поезијата на македонски класик објавен во странство во ваков формат.
Проф. Субиото, покрај со големиот број истражувања и со остварувањата во рамките на Филозофскиот факултет во Љубљана, каде што е раководителка на Катедрата за македонски јазик и литература, а до неодамна го водеше и Одделот за славистика, остварува голем придонес за афирмација на македонската книжевност и како книжевен преведувач. Последниве неколку години, во нејзин превод или под нејзина редакција и како резултат на нејзина иницијатива, во Словенија се случија повеќе значајни изданија од и за современи македонски автори, а изданието со Шопов е најново во големата низа постигнувања.
