Референдум во Молдавија, повеќе од половина од гласачите гласале „за“ членство на земјата во ЕУ
И покрај бројните обвинувања за руско мешање, Молдавците ја избраа европската иднина. На референдум гласаа „за“ промена на Уставот со цел пристапување во Европската унија. Вчера во земјата се одржа и прв круг претседателски избори. Актуелната претседателка Маја Санду води пред поранешниот државен обвинител Александар Стојаногло. Втор круг е закажан за две недели …

Молдавците избраа европска иднина. На референдумското прашање, дали ја поддржуваат измената на Уставот со цел пристапување во Европската унија, повеќе од половина од гласачите гласале „за“, соопшти Централната изборна комисија. Резултатите тесни.
„Според првичните податоци, 50,16% од гласачите кои учествувале на референдумот одговориле со ДА на референдумското прашање, а 49,84% одговориле со НЕ“, изјави Анџелика Караман, претседател на ЦИК.
Граѓаните на Молдавија кои по распадот на Советскиот Сојуз се поделени помеѓу истокот и западот вчера гласаа и за нов претседател. Вториот круг е закажан за 3-ти ноември. Претседателка Маја Санду која се залага земјата да биде дел од европскиот блок води пред поранешниот државен обвинител Александар Стојаногло. Таа обвини за руска кампања за влијание на референдумот за влез на Молдавија во Европската унија.
„Криминалните групи, кои работат заедно со странски непријателски сили против нашите национални интереси, ја нападнаа нашата земја со десетици милиони евра, лаги и пропаганда, користејќи ги најсрамните средства за да ги задржат нашите граѓани и нашата нација заробени во неизвесност и нестабилност“, изјави Маја Санду, претседателка на Молдавија.
Олигарх, чија партија беше забранета поради наводен обид за државен удар, се посочува дека организирал шема за поткупување гласачи против ЕУ и директно насочување на Кишињев кон Москва. Русија негира дека се обидела да влијае на гласањето.
„Овие тактики на Русија предизвикаа малку да се намали бројот на поддржувачи на европската интеграција. Русија шири дезинформации, манипулира, ги плаши граѓаните дека ако се интегрираат во Европа, нивната земја, па дури и независноста ќе им биде одземена“, изјави Николае Негру, новинар.
Молдавија, земја со над 2,4 милиони жители доби значителна дипломатска поддршка за проевропските аспирации. Пристапните преговори на земјата се очекува да продолжат.
Маријана Димовска
