ОЈО

Државниот јавен обвинител ги отфрла обвинувањата дека вршел притисок врз виш јавен обвинител

21.10.2024 12:35

Јавниот обвинител Коцевски ги отфрла како неосновани тврдењата за наводно мешање во предмет во кој постапувало Вишото обвинителство. Демантира дека давал инструкции како да се одлучува, вели со контролата имал за цел да ги провери информациите за можно нестручно работење...

Државниот обвинител Љупчо Коцевски тврди дека врз него се врши политички притисок да се повлече. Во писмена изјава демантира дека давал инструкции како да се одлучи по жалба. Оваа реакција следува откако шефот на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи и обвинителот Јован Цветановски рекоа дека минатиот месец Коцевски им порачал да внимаваат каква одлука ќе донесат за предметот со бонусите на СЈО, по што е направена контрола врз работата на обвинителите. Коцевски вели дека со контролата требало да се проверат информации за можно нестручно работење, и оти надзорот не претставувал мешање во работата на Вишото обвинителство.

„Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи.“ – пишува Коцевски во изјавата.

Обвинителот Цветановски кој работи на предметот за бонусите на СЈО, вели дека крајниот збор ќе го има Советот на јавните обвинители.

Вишото обвинителство одлучува по жалба поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, откако Јавниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази своевремено донесе решение со кое ја отфрли пријавата против екс обвинителите на СЈО, на кои Катица Јанева им поделила илјадници евра бонуси за доверливост, надвор од платата, со што, според пријавата Буџетот на државата е оштетен за повеќе од 4,5 милиони евра.

Одлуката за бонусите во СЈО сè уште не е донесена.

 

Анита Димитријевска – Велковска