Здравство

Почна превенцијата против сезонски грип

21.10.2024 16:57

Почна вакцинацијата против грип. Пријавени над 32 илјади граѓани, на располагање 70 илјади дози...

Почна превенцијата против сезонски грип. Се имунизираат хронично болните, постарите од 65 години, бремените жени и здравствените работници. Некои граѓани секоја година ја примаат вакцината, велат зимата ја минуваат без проблеми.

„И да се разболиш со благи симптоми на грип или настинка се поминува“.

„Лани многу пати се разболував, многу пати пиев лекови и пак болна бев. Сега мислите ќе се заштитите? Така мислам и така направив“.

„Не сум се напила антибиотик. Трета година по ред се вакцинирам“.

„Секоја година доаѓам, досега ниту сум имал некаков вирус“.

„Никогаш не сум имал проблем, ниту кашлица, ниту температура“.

Интересот е голем, пријавени се 33 илјади граѓани, а обезбедени се 70 илјади вакцини. Сите добиваат смс порака кога и каде треба да се јават за имунизација. Лекарите велат вакцината е најефикасен начин за превенција од сезонскиот грип. Штити од тешки форми на болеста, хоспитализација и од смртен исход.

„Вакцината е добра вакцината сигурно штити од компликации, може нема да ги заштити да се разболат од грип, но ќе заштити од сериозни компликации, хоспитализации и несакан исход. Вакцината е четиритипна, содржи два типа на инфлуенција а и два типа на инфлуенција б. Секоја година е различна вакцина, според препораките СЗО за вируси кои ќе бидат активни во северната хемисфера оваа сезона“, изјави д-р Сања Цилевска Младеновска – вакцинален пункт „Бит Пазар“.

Во Центрите за јавно здравје достапни се комерцијални вакцини за граѓаните кои не спаѓаат во ризичните групи, а сакаат да се имунизираат. За нив од буџетот ќе треба да издвојат 700 денари.

Сезоната на грип почна пред вакцинацијата. Според Институтот за јавно здравје, за две недели регистрирани 56 случаи со грип, најголем број од заболените се од Гостивар.

 

Андријана Ѓурческа