Членство во ЕУ, но не по секоја цена
Секогаш има можност за ново вето, а и Германија сака да се смени системот со кои земјите стануваат членки на Унијата, министрите за надворешни работи и евроинтеграции Муцунски и Муртезани. Според лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче. честите промени во ставовите на премиерот Мицкоски, создаваат сомнежи за постоење на јасен план за евроинтеграциите...

Членство во Европската унија, но не по секоја цена е ставот на министрите за надворешни работи и евроинтеграции Муцунски и Муртезани. Велат, вака секогаш има можност за ново вето, а и Германија сака да се смени системот со кои земјите стануваат членки на Унијата.
Постојаните промени во ставовите од страна на премиерот Мицкоски, создаваат сериозни сомнежи за искреност и за постоење на јасен план за евроинтеграциите – вели лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче. Се сомнева дека премиерот ќе го испрати писмото до европските лидери, но го чека неговиот потег за, како што вели, СДСМ да достави формално барање за одржување на собраниска седница на која Владата ќе реферира за планот за евроинтеграциите.
Уставните измени не треба да се само за отворање на процесот на преговори, туку и точно да се знае дека со нив тој процес ќе заврши, но и кога ќе заврши, вели министерот Муртезани.
Во четврток во земјава доаѓа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Со македонските авторитети ќе биде отворена и темата за уставни измени и преговорите со Унијата.
Миле Ристески
