Мицкоски: Однадвор добиваме обврски, без дела
Државата е блокирана од нерационален и билатерален спор, обременет со многу детали што ја зголемуваат фрустрацијата и незадоволството, интеграцискиот процес трае премногу долго, добивавме само зборови, не дела – премиерот Мицкоски пораката ја упати на Европскиот самит во Салцбург.

Македонија е блокирана од еден нерационален и билатерален спор, со источниот сосед бараме конструктивно и прифатливо решение за сите, без уцени и условувања. Ова на 20-тиот Европски самит во Салцбург посветен на Европската Унија и реформите, го истакна премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека премногу долго трае интеграцискиот процес.
„Кога станува збор за надворешната испорака на резултати, од странство како државата често добивавме само зборови, не дела. Резултатите недостигаат, имаме само обврски. И како минуваше времето, меѓу народот се зголемуваше фрустрацијата зошто сега повторно имаме повторен услов, повторно ограничување. И се прашуваме, во ред, треба да се исправиме како политичари. И сега, треба да застанам пред моите граѓани и да речам: видете, драги сограѓани, мои студенти, мора повторно да го промениме Уставот“, посочи премиерот Мицкоски.
Тој истакна дека Бугарија досега не почитува 14 пресуди од Судот за човековите права во Стразбур за регистрирање на здружение на Македонците кои живеат на тие простори, додека тие бараат да се внесат Бугарите во македонскиот Устав.
Мицкоски нагласи дека дури и да се внесат Бугарите во Уставот, никој не гарантира дека тоа е последен услов за исполнување на некоја обврска и дека за 6 месеци отсега нема да се бара нешто дополнително.
Мицкоски додаде дека како Влада се посветени на изнаоѓање на решение и активен дијалог. Едно од решенијата е да се примени формулата веќе применета во Преспанскиот договор за одложено дејство, поточно во моментите кога ќе влеземе во Европската Унија, тогаш тие одлуки во Уставот да станат активни, што секако претставува заштитен механизам од секакви условувања.
Борис Грујоски
