Блинкен во посета на Блискиот Исток
Газа и Либан-во фокусот на разговорите во Израел. Предлозите за примирје остануваат неизвесни...

Американскиот државен секретар Блинкен во нова блискоисточна турнеја. Газа и Либан-во фокусот на разговорите во Израел. Предлозите за примирје остануваат неизвесни.
„Блинкен ќе разговара за важноста да се стави крај на војната во Газа, ослободување на заложниците, како и за постконфликтниот период, но и потребата да се постигне дипломатска резолуција меѓу Израел и Хезболах, која целосно ќе ја спроведе резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН“, изјави Ведант Пател, заменик портпарол на Стејт департментот.
Наспроти дипломатијата, ракетирањата меѓу Израел и Хезболах продолжуваат со несмален интензитет. Тел Авив уништува финансиски упоршта во Либан. Го обвинува Иран за испорака на пари и злато за милитантите. Тврдат дека откриле бункер полн со готовина на поранешниот шеф на Хезболах Насрала под болница во јужен Бејрут. Либан ги демантира изјавите.
„Иран испраќа куфери со готовина и злато со авиони до иранската амбасада во Бејрут, а потоа директно оди во Хезболах. Парите се користеле за финансирање на нападите на Хезболах врз Израел. Овој трезор намерно бил сместен под цивилна зграда. Нашите напади ќе ја намалат способноста на Хезболах да ги финансира своите напади врз Израелците“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Продолжува голготата и во северна Газа. ООН со осуда за големиот број цивилни жртви, обвинија дека Тел Авив продолжува да го блокира влезот на хуманитарната помош. Хамас тврди дека отпорот на крајот ќе доведе до пад на израелскиот режим.
