Култура

Министрите Љутков и Селаковиќ во Белград ја отворија изложбата „Мостови на уметноста: Вевчани-Белград“

22.10.2024 09:04

Во Белград отворена изложбата на дела од познатата Вевчанска колонија. Министерот за култура Љутков со српскиот колега Селаковиќ во галеријата ОЗоне, ја отворија изложбата мостови на уметноста, која е во организација на меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“...

Во Белград министрите за култура на Северна Македонија и Србија, Зоран Љутков и Никола Селаковиќ ја отворија изложбата „Мостови на уметноста: Вевчани-Белград“, културен настан кој ги поврзува Македонија и Србија преку јазикот на уметноста.

Изложбата е отворена во Галеријата Озон на Дорчол Плац, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, и е резултат на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, што го симболизира поврзувањето на две традиции, две култури и два народи преку јазикот на уметноста.

Како што кажа министерот Љутков на отворањето, овде ние не го промовираме само македонското сликарството туку и нашиот туризам.

„За нас е многу важно што ја промовираме сопствената култура надвор од границата на нашата земја. Со Србија секогаш сме имале одлични односи и во делот на културата и ова е многу значајно затоа што има еден вид развој и на туризмот, бидејќи овде не го промовираме само македонското сликарство, туку го промовираме и македонското вино и Вевчани како туристичка дестинација. Овде во Белград доста се говореше за капацитетите што ги има Вевчани. Ова е знак дека туризмот се повеќе ќе се развива, особено на вакви настани што ги обединува виното, сликарството и туризмот“, изјави Зоран Љутков, министер за култура.

Изложбата се одржува во соработка со Министерството за култура на Република Северна Македонија, Амбасадата на Северна Македонија во Белград и Националниот совет на македонското малцинство во Србија и нејзина цел е создавање мостови на поврзување на уметниците и продлабочување на пријателството меѓу двете земји.

„Ваквите изложби се многу драгоцени затоа што тие, културната размена, културната соработка помеѓу двете култури и двата народи и државите ја чинат непрекидна, ја чинат постојано жива и моја искрена желба е што повеќе да имаме вакви културни настани и во Белград и во Скопје, и во Нови Сад и во Битола и во други градови во двете држави. Со ова ја покажуваме блискоста на нашите две култури и дека едни на други навистина сме си најблиски, што покажува уметноста, каде луѓето ги покажуваат своите емоции на најдобар можен начин“, изјави Никола Селаковиќ, министер за култура на Р. Србија.

Оваа изложба не само што претставува индивидуални изрази, туку создава заедничка нишка, мост помеѓу различните перспективи и визии на уметниците од Македонија и Србија.

На отворањето на изложбата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во Белград, бројни видни Македонци во Србија и љубители на уметноста од Белград.

 

Оливер Бранковиќ