Нема крај на борбите на Блискиот Исток
Хезболах тврди дека извршиле ракетен напад врз база на израелското воено разузнавање. Нивна цел била и поморска база во близина на градот Хаифа. Израелската армија продолжува со борбите во Газа и во Либан...

Нема крај на борбите на Блискиот Исток. Хезболах нападна разузнавачка служба близу до Тел Авив, на удар и поморска база кај Хаифа. Во Бејрут гори, Израел жестоко возвраќа. Оштетена најголемата болница во Либан. Одбраната тврди-милитантите складирале милијарди долари под објектот со поддршка од Иран.
„Иран испраќа куфери со готовина и злато со авиони до иранската амбасада во Бејрут, а потоа директно оди во Хезболах. Парите се користеле за финансирање на нападите врз Израел. Овој трезор намерно бил сместен под цивилна зграда. Нашите напади ќе ја намалат способноста на Хезболах“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската војска.
Либан го демантира Тел Авив. Додека цивилите се борат да опстанат, ОН со осуда за големиот број жртви. Обвинија за нов инцидент во кој Израел намерно урива набљудувачка кула и ограда на УНИФИЛ.
„Уште еднаш го потсетуваме Израел и сите актери на нивните обврски да ги гарантираат безбедноста на персоналот и имотот на ОН и да ги заштитат нивните простории во секое време“, изјави Фархан Хак – заменик-портпарол на ООН.
Од ОН тврдат дека Израел сè уште го блокира влезот на хуманитарната помош додека голготата на северот од Газа продолжува. Хамас тврди дека отпорот на крајот ќе доведе до пад на израелскиот режим. Наспроти разгорените пресметки, американскиот државен секретар Блинкен во уште една блискоисточна посета за ставање крај на насилствата. Примирјето неизвесно.
„Блинкен ќе разговара за важноста да се стави крај на војната во Газа, ослободување на заложниците, како и за постконфликтниот период, но и потребата да се постигне дипломатска резолуција меѓу Израел и Хезболах, која целосно ќе ја спроведе резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН“, изјави Ведант Пател – заменик-портпарол на Стејт департментот.
Во исчекување на одмаздата, Техеран испрати протест до МААЕ поради заканите за можен израелски напад врз неговите нуклеарни постројки. Предупредуваат САД да не бидат соучесници во каква била израелска агресија откако американскиот противракетен систем пристигна во регионот.
„Испораката на ракетни системи и извештаите за тоа покажуваат продолжување на целосната поддршка на ционистичкиот режим што САД и некои европски нации ја имаа во текот на изминатата, но и претходните години“, изјави Есмаил Багаи – портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран.
Во истовреме Вашингтон го истражува потенцијалното протекување на разузнавачки информации за планираниот напад на Израел врз Иран.
Бојана Крстевски
