Блинкен во обид да извојува мировно решение
Американскиот државен секретар Блинкен почнува нова блискоисточна турнеја на средби со израелските власти како прва станица, во обид да извојува мировно решение и да стави крај на огнот и насилствата што го запалија регионот. Наспроти дипломатските напори, жестоките престрелки продолжуваат. Хезболах нападна разузнавачка служба близу до Тел Авив, Израел возврати во Бејрут. Прстот повторно вперен во Иран и поддршката што тој ја дава за проиранските групи...

Во ек на разгорени тензии на Блискиот Исток, американскиот државен секретар Блинкен во уште една посета за ставање крај на насилствата во регионот. Додека Вашингтон се залага за мировно решение, Хамас треба да го открие своето раководство по смртта на лидерот Синвар, за да се врати на преговарачка маса.
„Блинкен ќе разговара за важноста да се стави крај на војната во Газа, ослободување на заложниците, како и за постконфликтниот период, но и потребата да се постигне дипломатска резолуција меѓу Израел и Хезболах, која целосно ќе ја спроведе резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН“, изјави Ведант Пател, заменик-портпарол на Стејт департментот.
Арапската лига на итен состанок за запирање на крвопролевањето. Шефот на групата упати повик за прекин на огнот и повлекување на израелските трупи од Либан. Наспроти дипломатските разговори, конфликтот продолжува. Хезболах нападна разузнавачка служба близу до Тел Авив, Израел возврати со удари врз поморска база на милитантите. Бејрут гори, оштетена и најголемата болница во земјата. Одбраната тврди-се складирале милијарди долари под објектот со поддршка од Иран.
„Иран испраќа куфери со готовина и злато со авиони до иранската амбасада во Бејрут, а потоа директно оди во Хезболах. Парите се користеле за финансирање на нападите врз Израел. Овој трезор намерно бил сместен под цивилна зграда“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Либан го демантира Тел Авив. Додека цивилите се борат да опстанат, ОН со осуда за големиот број жртви. Обвинија за нов инцидент во кој Израел намерно урива набљудувачка кула и ограда на УНИФИЛ.
„Уште еднаш го потсетуваме Израел и сите актери на нивните обврски да ги гарантираат безбедноста на персоналот и имотот на ОН и да ги заштитат нивните простории во секое време“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на ООН.
Од агенцијата додаваат дека Израел сè уште го блокира влезот на хуманитарната помош додека голготата на северот од Газа продолжува. Хамас тврди дека отпорот на крајот ќе доведе до пад на израелскиот режим. Во истовреме, властите во Тел Авив разбија шпионска мрежа од седум израелски граѓани обвинети дека работеле за Техеран додека Вашингтон го истражува потенцијалното протекување на разузнавачки информации за планираниот напад на Израел врз Иран.
Бојана Крстевски
