ССМ

Платите во Македонија мора да растат согласно продуктивноста

22.10.2024 16:49

Синдикатите бараат да се чуе нивниот глас и државата да прави напори за подобрување на животниот стандард за работниците. Ние сме пријатели на работниците и синдикатите и тука сме да разговараме за сите прашања, велат од Владата...

Платите во Македонија мора да растат согласно продуктивноста, и тоа да се случи што поскоро за работниците да ги задржиме дома. Синдикатите бараат да се чуе нивниот глас и државата да прави напори за подобрување на животниот стандард за работниците.

Две и пол минимални плати се потребни за основните потреби на едно семејство. Пресметката на синдикалната кошничка за октомври е 61.249 денари, односно само 50 денари помалку од септемвриската.

Ако станува збор за семејство со изнајмен стан тогаш и три минимални плати не се доволни, бидејќи во тој случај потребни се 76.624 денари“, велат од ССМ.

Ние сме пријатели на работниците и синдикатите и тука сме да разговараме за сите прашања, велат од Владата. Според заменик-министерот за економија, мерките дале резултат, иако за поголем ефект било потребно повеќе време.

Во меѓувреме СДСМ го поднесе Законот за зголемување на минималната плата во Собранието. Со оваа мерка се предвидува минималецот да порасне на 27.700 денари, односно 450 евра. Ова, како што велат, се прави да се обезбедат подобри услови за живеење.

Од власта и одговорија на Тренчевска дека во буџетот за 2025 година има „многу позитивни изненадувања за сите работници во Македонија, без разлика дали се од приватниот или од јавниот сектор“.

Во меѓувреме, во соседството минималната плата расте. Во Србија ќе биде 457 евра, во Црна Гора 700, во Хрватска веќе е 677 евра, за догодина да порасне на дури 750 евра.

 

Борис Груески