Здравство

Болните од карцином во неизвесност, со месеци чекаат прегледи

22.10.2024 16:32

Во месецот за подигнување на свеста за ракот на дојката, здруженија во посета на онколошките пациентки кои се сместени на Клиниката за онкологија. Одблизу го запознаа министерот Таравари со проблемите со кои се соочуваат.

Продолжува неизвесноста на болните од карцином. Стотина пациентки, два месеца чекаат скен на коски, бидејќи на Институтот за патофизиологија нема изотопи. Во меѓувреме не примаат онколошка терапија, а тоа дополнително го комплицира нивното лекување.

„Проблемот во изминатите два месеца е што 100 пациентки со печати кои чекаат за преглед за да знаат нивните онколози како да го продолжат лекувањето, во овој момент не можат да се снимаат“, изјави Ана Марјановиќ, Здружение „ХЕМА – ОНКО“.

Министерот за здравство Таравари првпат слушна за овој проблем. Институтот за патофизиологија е во надлежност на Министерството за образование, но вели ќе интервенира.

„Ако не се лажам, ова се работи во Институтот за патофизиологија, кој воопшто не е под Министерството за здравство, туку е под Медицинскиот факултет и под Министерството за образование, но секако треба да интервенираме и да видиме што можеме да направиме“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Онколошките пациенти се соочуваат со низа предизвици во лавиринтите на здравствениот систем. Новодијагностицираните, тешко доаѓаат до термин за ехо на дојка, мамографија – алармираат од здруженијата. Недостигаат и скрининг-програми, Сашо Петрески случајно открил дека има карцином.

„Го открив случајно, имам канцер 18 милиметри, случајно го открив откако скршив ребро. Снимката на реброто го откри“, изјави Сашо Петрески, онколошки пациент.

Надлежните уверуваат дека проблемите ќе се надминат, а со децентрализација на онколошките амбуланти ќе се намали притисокот на Онкологија.

Нови лекови на позитивната листа, подобрување на скрининг-програмите, нови протоколи и подобрување на условите за лекување – бараат онколошките пациенти.

Директорот вели, приоритет на Клиниката се нови вработувања.

„Административната процедура е почната, тоа е комплексен процес. Имаме медицински сестри, лекари, медицински физичари, административен кадар, околу 50-тина вработувања“, изјави д-р Игор Стојковски – директор на Клиниката за онкологија.

И Државниот ревизор нотира пропусти во работење на онкологија за 2023 година. Главен проблем – недостигот на кадар и биолошка терапија за сите заболени од канцер.

 

Андријана Ѓурческа