Путин домаќин на самитот на БРИКС во Казањ
Индија е подготвена да помогне во завршувањето на руско-украинската војна, му порачал премиерот Моди на рускиот претседател Путин, домаќин на земјите на самитот БРИКС во Казањ. Шефот на Кремљ ги собра сојузниците од 20 држави, меѓу кои се и кинескиот и иранскиот претседател Џјинпинг и Пезешкјан. Главните теми на самитот се енергетското поврзување и приемот на новите членки на БРИКС…

Од пет, ќе се прошират на девет. Египет, Иран, Обединетите Арапски Емирати и Етиопија треба да им се придружат на Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Америка, постојните членки на БРИКС, сојуз што брои речиси половина од човештвото. Самитот во руски Казањ е оценет како еден од најеминентните самити во Русија, организирани кога и да било. Медиумите кои го следат настанот известуваат, изолацијата на Русија и санкциите не и наштетија на Москва. И Украина е неизбежна тема, како и состојбите на африканскиот континент.
„Сметаме дека проблемите треба да се решаваат на мирен начин, затоа потполно го поддржуваме најбрзото воспоставување на мирот и на стабилноста во Украина. Подготвени сме да обезбедиме секаква помош во иднина во оваа насока“, изјави Наренда Моди-премиер на Индија.
„Индија отвора Генерален конзулат во Казањ. Ова е особено значајно стратегиско партнерство кое продолжува да се развива. Проширувањето на индиската дипломатија во Русија ќе предизвика и развој на билатералните односи“, изјави Владимир Путин-претседател на Руската Федерација.
„Русија ја гледаме како вреден сојузник и пријател, не поддржаа уште во времето на нашата битка против апартхејдот. Ќе имаме важни средби и разговори во Казањ“, изјави Сирол Матамела Рамафоза, претседател на Јужна Африка.
Новата банка за развој на БРИКС, пандан на европските и светските финансиски институции, веќе има инвестирано околу 33 милијарди долари во 100 проекти во светот. Интересот е врз африканскиот континент, но нема да се создава единствена парична валута на сојузот.
„Во моментов, земјите на глобалниот југ имаат големи потреби за финансирање, но условите за обезбедување на парите се многу тешки. Затоа треба да ги добијат средствата во нивните национални валути“, рече Дилма Русеф-претседателка на Банката за развој на Брикс.
Создаден пред петнаесет години, БРИКС е контрапункт на седумте најбогати економии во светот. Целта е заобиколувањето на доминацијата на доларот и на еврото. Триесет држави веќе побараа зачленување на организацијата која финансиски тежи над 28 трилиони долари, или 28 насто од светската економија.
Зоран Богатинов
