Македонија

Муцунски: МНР нема да врши притисок врз историската комисија

22.10.2024 19:04

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска одржал протоколарна средба со новите членови на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија...

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска одржал протоколарна средба со новите членови на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

На средбата во МНРНТ, министерот Муцунски пред членовите на Комисијата истакнал дека Министерството со сите свои капацитети им стои на располагање во процесот на одговорно и непречено понатамошно извршување на нивните редовни активности.

Тој посочи дека одлуките и дискусиите во рамки на комисијата треба да бидат водени врз основа на научни аргументи и со целосно почитување на академската слобода. Воедно, ја истакна и личната заложба за независност во одлучувањето на комисијата, без никакви политички влијанија и притисоци, се наведува во соопштението на Министерството.

Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември. За нејзин претседател е назначен Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

 

 

Фото: ФБ профил