Двете лица на вештачката интелигенција
Се почести се измамите преку интернет. Институциите со апел, внимавајте каде ги оставате личните податоци, парите со еден клик можат да ви исчезнат од сметка. Измамниците наоѓаат нови начини на кражба, од МВР велат, се преземаат активности во рамките на полициските овластувања…

Токму овој последен клик ги стави под ризик парите кои ги поседувате. Во моментот штом ќе ја напишете сметката и ја одобрите вашата трансакција, се појавувате на листата на измамниците. Мери Јордановска, речиси секој месец пазари преку онлајн проверени и сигурни продавници. Но еден ден, банката во која таа поседува трансакциска сметка, почнува да и испраќа смс пораки на нејзиниот мобилен телефон за наплатени средства.
„Наеднаш почнаа да се симнуваат пари. Ми ја испразнија цела моја плата за неколку секунди“, вели Мери Јордановска – новинар, жртва на измама.
Парите и биле вратени, но дури по неколку месеци откако банката на меѓународно ниво, утврдила дека навистина се работи за измама, наречена „Malware“.
Но, измамниците најдоа и полесен начин како да дојдат до туѓите пари. Тука е фишинг нападот. Измамниците испраќаат „смс“ или електронски пораки, со наслов „ИТНО“ во пораката е испратен линк, преку кој се бара да бидат внесени личните податоци и со еден клик, парите од ваша се префрлаат на нечија друга сметка. Од Народната банка велат дека овој напад е речиси е невозможно да се докаже дека е измама.
„Народната банка е редовно присутна на социјалните мрежи и јавните медиуми, преку разни соопштенија и едукативни видеа на различни теми поврзани со различни сценарија на измама. Потврда за тоа е и неодамнешното укажување на Народната банка за постоењето на ризикот од измама со која се преземаат податоци од платежни картички користејќи сценарија со примена на т.н. „phishing“ напад“, велат оттаму.
Доколку сакате да докажете дека сте измамени, влегувате во институционален лавиринт бидејќи процесот е многу комплициран. Од МВР, одделот за компјутерски криминал, велат дека парите се крадат и преку „Skimming“ напад, односно преку уреди поставени на банкомати или ПОС-терминал.
„Што се однесува до начинот и постапката на утврдување на сторителот, секој случај на злоупотреба на платежна картичка е посебен и бара преземање на дејствија и активности во рамки на полициските овластувања. Од страна на МВР се преземаат сите потребни мерки и активности со цел расчистување на случајот и санкционирање на сторителот“, појаснува портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Со развојот на технологијата измамите стануваат уште пософистицирани. Додека институциите користат вештачка интелигенција за да докажат криминал и измамниците ја користат за да стигнат до нечесни пари.
„Вештачката интелигенција зависи во чии раце ќе потпадне, таков ќе биде исходот. Некои за добро, некои за лошо. Ова го засега и меѓународниот свет“, вели Марина Пешовска, истражителка за компјутерски криминал во ОЈО.
Ова се двете лица на вештачката интелигенција. Полицијата, царината и други надлежни институции ширум светот ја користат за да ги фатат криминалците, а измамниците ја користат за да стигнат до нечесни пари. Измамите во светот се бројат во милијарди. Единствениот начин да се заштитите е да бидете многу внимателни каде ги оставате вашите податоци, бидејќи парите можат да ви исчезнат за само неколку секунди.
Марина Доковска
