Продолжуваат борбите во Газа и во Либан
Силите на Тел Авив објавија дека е ликвидиран Хашем Сефиедин, што требаше да го замени Хасан Насрала на чело на Хезболах...

Израелската одбрана соопшти дека пресретнала беспилотни летала во близина на брегот на Еилат. Продолжуваат борбите и во Газа и во Либан. Силите на Тел Авив објавија дека е ликвидиран Хашем Сефиедин, што требаше да го замени Хасан Насрала на чело на Хезболах. Американскиот државен секретар Блинкен во блискоисточна турнеја неколку дена по ликвидирањето на лидерот на Хамас Синвар. На средбите со израелските власти потенцирана важноста да се стави крај на војната.
„Мораме да преземеме чекори за да ги искорениме можностите на Хезболах. Нивните напади со беспилотни летала, проектили, ракети, нивниот напад врз приватниот дом на премиерот, сето тоа е дел од големата кампања која се води и командува во Техеран“, изјави Исак Херцог, претседател на Израел.
„Верувам дека смртта на Синвар создава можност да се вратат заложниците дома, да се стави крај на војната и да се обезбеди безбедноста на Израел“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Демонстранти кои повикуваат на ослободување на заложниците од Газа се собраа во Тел Авив додека државниот секретар Блинкен имаше средби со државниот врв во Израел. Толпата бара крај на војната и враќање на заложниците што ги држи Хамас по нападите од 7-ми октомври.
