Продолжува руско-украинскиот конфликт
Јужнокорејската шпионска агенција минатата недела соопшти дека потврдила оти Северна Кореја испратила 1.500 специјални оперативни сили во Русија...

Јужнокорејската шпионска агенција минатата недела соопшти дека потврдила оти Северна Кореја испратила 1.500 специјални оперативни сили во Русија. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за извештаите вели дека би можеле да предизвикаат значајна ескалација во војната во Украина.
„Го прашав јужнокорејскиот претседател и тој рече дека ќе испрати експерти од Република Кореја да го информираат Северноатлантскиот совет. Тоа сега ќе се случи на почетокот на следната недела, а потоа ќе види дали Северна Кореја навистина ја поддржува илегалната војна на Русија во Украина“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
„Неколку извештаи беа дадени од страна на врховниот командант Сирски во врска со нашата ситуација на фронтот и изгледите за блиска иднина. Конкретно, имаме информации дека се обучуваат две единици на воен персонал од Северна Кореја – потенцијално дури две бригади од по 6.000 луѓе и ова е предизвик“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На фронтот продолжуваат жестоки битки. Претседателот Путин во Казан разговараше за Украина со кинескиот колега Си Џинпинг и индискиот премиер Моди, кој рече дека Њу Делхи е подготвен да помогне да се стави крај на конфликтот.
