Кратово

„Самоодбрана“ наместо „убиство“

23.10.2024 12:30

Да се смени квалификацијата за делото на 36-годишната жена, која во Кратово го уби сопругот и свекорот, бара нејзината одбрана. Тие сметаат дека се работи за самоодбрана. Документацијата велат потврдува дека жената била жртва на насилство со години, а институциите биле запознаени...

Одбраната на 36-годишната жена која во Кратово го уби својот сопруг и свекор, не се согласува со правната квалификација на кумановското Јавно обвинителство, истата да се терети за убиство со умисла. Бранителот Георгиевски за Македонската телевизија посочува дека доказите од истражната постапка покажуваат дека се работи за самоодбрана. Документацијата вели потврдува дека жената со години била жртва на физичко и психичко семејно насилство.

„Се работи за огромна документација во која има потврда како за докази поврзани со настаните со семејно насилство, учеството на органите во заштита и изрекување на времени мерки од семејно насилство, медицинска документација и стручни мислења за повреди кои се здобиле во текот на брачната заедница, вклучувајќи и вешти наоди и мислења од наши ангажирани стручни лица дека навистина не се работи за класично двојно убиство како се обидува ОЈО Куманово да го презентира, туку дека се работи за институтот на нужна одбрана“, посочи Христијан Георгиевски, бранител на 36-годишната скопјанка.

По барање на одбраната обвинетата е во домашен притвор. Дечињата се згрижени кај роднини.

Тимови од психолози и педагози од Центарот за социјални работи Кратово работат со дечињата, кои со години биле жртви на семејно насилство

Обвинението против жената е веќе на сила. Назначен е Судски совет, кој ќе работи во Основен суд Куманово. Првата главна расправа се очекува да се одржи наскоро.

 

Елена Георгиевска