На украинскиот фронт продолжуваат жестоки битки
На украинскиот фронт продолжуваат жестоките битки. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за наводното учество на севернокорејски војници вели дека тоа би можело да предизвика значајна ескалација на конфликтот. Индија е подготвена да помогне да се стави крај на војната...

Се погласни се тврдењата дека Москва зборува за можен договор за прекин на руско-украинскиот конфликт. Иако засега нема ништо конкретно, земјите од БРИКС се договорија за формулацијата за Украина, која ќе биде вклучена во завршната декларација на самитот во Казан, Татарстан. По Пекинг и Анкара, и Њу Делхи се понуди да помогне да се постигне примирје во најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна.
„Сметаме дека проблемите треба да се решаваат на мирен начин, затоа потполно го поддржуваме најбрзото воспоставување на мирот и на стабилноста во Украина. Подготвени сме да обезбедиме секаква помош во оваа насока“, изјави Наренда Моди, премиер на Индија.
Помеѓу војната и мирот, нова афера ја тресе Украина. Десетици функционери наводно ја злоупотребиле положбата и со лажни дијагнози добиле статус на инвалиди за да избегнат служба во армијата. Главниот државен обвинител поднесе оставка. По наредба на претседателот Зеленски, медицинските и социјалните стручни комисии во Украина ќе бидат ликвидирани до крајот на годината.
„Советот за национална безбедност и одбрана расправаше за ситуацијата во органите на Обвинителството на Украина. Како резултат на оваа дискусија, генералниот обвинител на Украина, Андриј Костин, поднесе писмо со оставка“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, расте загриженоста за севернокорејската поддршка на Русија откако Јужнокорејската шпионска агенција соопшти дека Северна Кореја испратила 1.500 специјални оперативни сили во Русија. Вашингтон внимателно ја следи состојбата.
„Јасно е дека Северна Кореја и Русија имаат врски, продолжуваме внимателно да го следиме ова, бидејќи се однесува на ситуацијата во Украина“, изјави генерал-мајор на Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
На фронтот, Русија потврди дека презела контрола врз уште една населба во источниот украински регион Доњецк.
Маријана Димовска
