Струга

Трет ден се трага по стружанец кој заминал по печурки и исчезнал

23.10.2024 11:41

Трет ден нема трага од исчезнатиот стружанец, кој од својата викендица во струшко Брчево заминал по печурки во шумата на Караорман. Во потрагата е вклучена и Планинската спасителна служба на Црвениот крст и куче трагач. Ова не е прв случај на исчезнување во планина. Повеќе од еден месец се трага и по белгискиот турист кој исчезна планинарејќи во југозападниот регион на земјава...

Трет ден се трага по 60 годишен стружанец, кој заминал по печурки и исчезнал. Во неделата, од својата викендица во селото Брчево на падините на Караорман се упатил кон шумата, но не се вратил. Од тој ден со него не може да се воспостави телефонска комуникација, не може да се лоцира ниту мобилниот телефон.

Во потрагата е вклучена и Планинската спасителна служба на Црвениот крст и куче трагач.

„Комплициран планински терен со густа вегетација, многу тешко прооден дури и за луѓе кои пешки пристапуваат. Воздушна потрага со дронови, хеликоптери е возможна само во мал дел од територијата, бидејќи е густа шума така да пребарувањето од воздухоплов би бил без резултат“, вели Антонио Додески од Планинската спасителна служба.

Ова не е прв случај на исчезнување во планина. Од ПСС велат потребни се систематски подобрувања на системот за цивилна заштита за полесна локација на исчезнати.

„Постојат современи системи кои што и онаму каде нема достапност на мобилна мрежа можат да го лоцираат мобилниот телефон, но тие системи треба да се размислува да се набават. Веројатно потрагата ќе продолжи и утре“, додава Додески.

Планинската спасителна служба повеќе од еден месец трага и по белгискиот турист, кој исчезна на 18-ти септември, планинарејќи по планинските рути во регионот на Охрид, Струга, Вевчани и Битуше.

 

Соња Рилковска