Украинското прашање вметнато и во Декларацијата на Самитот на БРИКС
Самит на БРИКС во Казан. Учествуваат 40 светски лидери. На маса е и украинското прашање. На собирот е усвоена Декларација што ги подгреа надежите дека во блиска иднина може да се стигне до мир. За утре е закажана средба на Путин со генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш, кој за првпат од почетокот на војната допатува во Русија...

Се погласни тврдењата дека е можен договор за прекин на руско-украинскиот конфликт. Земјите од БРИКС на Самитот во Казан, Татарстан договорија историска Декларација во која е вметнат и ставот за украинското прашање. Кремљ за утре најави средба меѓу рускиот претседател Путин и генералниот секретар на ООН, Гутереш, кој првпат е во Русија од април 2022 година, по стартот на војната во Украина.
„Не со зборови, туку со дела, земјите од БРИКС демонстрираат одговорност за иднината на светот, глобалната стабилност и безбедност и даваат значаен придонес во решавањето на акутните регионални проблеми. Ова е суштината на стратегијата и курсот на БРИКС на глобалната арена, што е во согласност со стремежот на главниот дел од глобалната заедница. И токму овој курс е особено баран во сегашните услови, кога во светот се случуваат навистина драматични промени“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
По Пекинг и Анкара, и Њу Делхи се понуди да помогне да се постигне примирје во најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна.
„Сметаме дека проблемите треба да се решаваат на мирен начин, затоа потполно го поддржуваме најбрзото воспоставување на мирот и на стабилноста во Украина. Подготвени сме да обезбедиме секаква помош во оваа насока“, изјави Наренда Моди, премиер на Индија.
Помеѓу војната и мирот, нова афера ја тресе Украина. Десетици функционери, со лажни дијагнози добиле статус на инвалиди за да избегнат служба во армијата. Главниот државен обвинител поднесе оставка.
„Советот за национална безбедност и одбрана расправаше за ситуацијата во органите на обвинителството на Украина. Како резултат на оваа дискусија, генералниот обвинител на Украина, Андриј Костин, поднесе писмо со оставка“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, расте загриженоста за севернокорејската поддршка на Москва откако Сеул соопшти дека Пјонгјанг испратил 1.500 специјални оперативни сили во Русија. Вашингтон внимателно ја следи состојбата.
„Јасно е дека Северна Кореја и Русија имаат врски, продолжуваме внимателно да го следиме ова, бидејќи се однесува на ситуацијата во Украина“, изјави Генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
На фронтот, Русија тврди дека презела контрола врз уште една населба во источниот украински регион Доњецк. Противвоздушна одбрана соборила 57 руски беспилотни летала во 12 региони.
Маријана Димовска
