Културна програма за италијанското претседателство со ЕУ
На денешната прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, италијанскиот амбасадор Ернесто Масимино Белели и директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески ја претставија посебно конципираната програма...

Со тоа ќе се одбележи Претседателството на Италија со Европската унија ќе биде одбележано и во Македонија преку неколку настани кои ќе бидат организирани под покровителство на Министерството за култура и во соработка со Италијанската амбасада во Македонија.
На денешната прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, италијанскиот амбасадор Ернесто Масимино Белели и директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески ја претставија посебно конципираната програма.
Како дел од програмата ќе биде поставена изложбата „Фарнезина 50-ти години“, колекција во сопственост на италијанското Министерство за надворешни работи, преку која македонската јавност ќе се запознае со делата на најпознатите сликари од италијанскиот модернизам.
„Значаен настан ќе биде и „Изложбата на мозаиците од Равена“ кои се заштитени од УНЕСКО и ќе бидат презентирани во нашиот нов Археолошки музеј на почетокот на ноември. Се очекува оваа изложба да ја отвориме заедно со министерот за култура на Италија Франческини и да потпишеме два документа, новата Програма за соработка во областа на културата меѓу владите на нашите држави, како и протоколот за билатерални копродукции во областа на филмот“, рече Канческа-Милевска.
Ќе се реализираат и 14. издание на „Неделата на италијанскиот јазик и култура во светот“ во чии рамки се предвидени повеќе настани со угледни гости од Италија, Меѓународната конвенција по повод 55 години италијански студии на која ќе учествуваат еминентни професори од универзитетите од Сорбона, Базел, Анкара, Валона, Трст, Атина, Загреб, Белград, Тирана, изложбата на партитури на Верди во рамките на фестивалот „Охридско лето“, како и семинарот за Јустинијан, кој веќе традиционално се организира со поддршка на Министерството за култура.
„Италија е наш голем партнер и поддржувач во реализацијата на бројни културни иницијативи кои ги продлабочија културните врски меѓу нашите две земји и станаа инспиративен пример за успешна меѓународна соработка и отворена можност за континуирана размена на идеи и знаења“, рече министерката за култура.
Министерката Канческа - Милевска се осврна на манифестацијата на која Република Македонија активно се претставува веќе 12 години, фестивалот за деца и млади „Џифони“ во Италија. Во состав на меѓународното жири на 44. издание на овој фестивал учествуваат 12 млади луѓе од Македонија, кои заедно со децата од 41 земја од светот ќе бидат дел од работилниците и дискусиите на разновидни теми по проекциите на фестивалот, чија тема годинава е „Биди поинаков“.
Во октомври, на второто издание на регионалниот фестивал „Џифони“, чиј домаќин ќе биде Македонија, ќе учествуваат повеќе од 400 деца од целиот регион.
