Претседателското помилување на 10 осуденици ја разбранува политичката сцена
Претседателското помилување на 10 осуденици ја разбранува политичката сцена. На листата, ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, осудениот во случајот „Шпион“, Марјан Ефремов, припадник на наркоклан. Опозицијата критикува – местото на криминалците е во затвор, а не на улица. СДСМ бара повлекување на одлуката...

Лавина реакции по одлуката на претседателката Сиљановска-Давкова празнично да помилува 10 осуденици, од кои на тројца извршувањето на затворската казна им се заменува со условна, додека на останатите седуммина им се скратува времетраењето на казната. На списокот се и познати имиња: поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески осуден во „Транспортер“, Марјан Ефремов осуден во „Шпион“, но и лица како Акиф Бејадин Равмановски, кој се поврзува со подземјето и наркоклан, како Шенол Маслани, брат на Шенки Версаче. Претседателката вели дека ја потпишува одлуката и го има конечниот збор, но додава оти не се меша во работата на Комисијата за помилување.
Од Комисијата, пак, велат дека имаат советодавна улога. Членот на Комисијата, професорот Гордан Калајџиев за МТВ посочува оти телото не е самостоен орган, туку советодавен и дава мислење, а одлуката е на суверенот.
Опозицискиот СДСМ бара повлекување на одлуката, бидејќи, како што велат, местото на криминалците е во затвор, а не на улица.
Се огласија и други партии. Левица исто така смета дека одлуката е скандалозна, а ВМРО-Народна партија повика Сиљановска Давкова да ги помилува и осудените за „27 април“.
Наташа Јанчиќ-Менковски
