Мицкоски најави стратегија за развој на државата до 2050 година
Македонската слобода не беше подарена на тацна, приказната е испишана со крв и непокор и затоа е вечна. Порача премиерот Мицокоски на денешната свечена академија по повод одбележувањето на македонската револуционерна борба. Тој најави изготвување стратегија за дефинирање на националните приоритети, а поддршка побара од сите политички партии.

Премиерот Мицкоски ќе иницира создавање на национална стратегија 2050 со МАНУ и универзитетската заедница која треба да ги дефинира долгорочните приоритети и цели на Македонија. Тој предупреди дека поради иселувањето, на земјава и се заканува исчезнување. „Ако сите не помогнеме, осмислено и стратешки мудро, ќе бидеме територија полна со духови и крстосница на криминалци, мигранти, зомби држава. Тоа некому одговара, но на нас не“, рече премиерот на одбележувањето на Денот на македонската револуционерна борба.
Премиерот со повик и до левицата и десницата во земјава да се обединат и заеднички да носат одлуки за иднината на Македонија. Наместо политикантство и меѓусебни обвинувања водилка да биде напредокот на земјата, сè што е добар предлог од политичките опоненти, премиерот уверува дека ќе го прифати.
Мицкоски вели дека патот на земјава е полн со предизвици и не е многу поразличен од она што се случувало во организацијата. Методите биле посурови, но суштината на предизвиците е идентична, подобар живот за македонските граѓани, рече Мицкоски кој уверува дека нема да се откаже и ќе успее во напорите Македонија да биде успешна, модерна и европска држава.
Викторија Милевска
