Македонија

Завршна конференција за стручно и образование на возрасни

24.10.2024 08:11

Завршна конференција ќе се одржи денеска од проектот „Зголемување на атрактивноста, инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образованието за возрасни“, финансиран од Европската Унија...

Завршна конференција ќе се одржи денеска од проектот „Зголемување на атрактивноста, инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образованието за возрасни“, финансиран од Европската Унија.

На конференцијата ќе бидат презентирани главните резултати и достигнувањата на проектот, ќе се зборува за потенцијалот за одржливост на резултатите од проектот како поддршка на агендата за реформи на секторот во Северна Македонија, како и за улогата на резултатите од проектот за подобрување на системот за постсредно образование во државава.

Како што е најавено, ќе бидат претставени и резултатите од проектот како поддршка на понатамошното воспоставување на системот за валидација на неформално и информално учење (VNFIL), како и за усогласувањето на постојниот систем за обезбедување квалитет во стручното образование и обука со европската рамка за обезбедување на квалитетот во стручното образование и обука EQAVET.

За перспективите за понатамошен развој на новите регионални центри за стручно образование и обука во Струмица и Велес, избрани од проектот, ќе говорат директорите на овие центри.

Најавени се обраќања на министерката за образование и наука Весна Јаневска, претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Лудмил Ковачев, тим лидер на проектот, како и претставници на различни национални образовни институции и регионални центри за стручно образование.