Жестоки напади на Блискиот исток, светските лидери со повици за прекин на огнот
Тензична ситуација и жестоки напади на Блискиот исток. Бејрут гори, Тел Авив возврати за ракетирањето на Хезболах со досега најтешки удари. Во Газа убиени терористи и уапсени стотици лица. Вакцинацијата во енклавата суспендирана наспроти ескалираните бомбардирања. Експлозии и во Сирија. Светските лидери со повици за прекин на огнот…

Ситуацијата на Блискиот Исток од ден на ден станува сѐ потензична и покрај напорите на светските лидери да го изгаснат пожарот што гори. Тел Авив возврати за ракетирањето на Хезболах со досега најжесток удар врз Бејрут. Либан обвинува за загинати војници. Вашингтон загрижен. Мета на нападите-либанска телевизија и станбена зграда.
Нападите продолжија и на северот од Газа. Убиени десетици терористи, а уапсени се над 200 лица осомничени за тероризам. Поради борбите, прекината третата фаза од вакцинацијата во енклавата.
„Палестинците во Северна Газа се соочуваат со екстремно страдање додека израелската опсада продолжува. Поради ескалацијата на насилството, интензивните бомбардирања беше попречена мисијата на ОН и нашите партнери беа принудени да ја одложат кампањата за вакцинација против детска парализа“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на генералниот секретар на ОН.
Во истовреме, Сирија известува за израелски напади врз станбена зграда во Дамаск и воена локација во близина на Хомс при што еден војник загина, а неколкумина се ранети.
„Регионалното прелевање во Сирија е алармантно и може да се влоши, со сериозни импликации за земјата и за меѓународниот мир и безбедност“, нагласи Геир О. Педерсен, специјален пратеник за Сирија на ОН.
Додека одбраната на Израел се заканува дека откако ќе го нападнат Иран, светот ќе ја разбере силата на израелската војска, меѓународната заедница бара итно дипломатско решение.
„Мора да ги заштитиме безбедносните интереси на двете страни, Израел и Либан. Целосна дестабилизација на веќе потресената земја би била фатална за регионот“, кажа Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.
Повици за ставање крај на насилствата на Блискиот Исток пристигаат од Париз од меѓународната конференција за поддршка на либанскиот народ. Макрон најави помош од 100 милиони евра.
„Франција ќе обезбеди 100 милиони евра за време на оваа конференција за да се засолнат семејствата, да се прехранат децата, да се згрижат ранетите. Потребен е прекин на огнот во Либан. Повеќе штети, жртви и удари нема да стават крај на тероризмот“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Во истовреме државниот секретар на САД Блинкен ја продолжи својата мировна мисија на средби во Катар во надеж дека ќе успее да постигне примирје во регионот.
Бојана Крстевски
