Таравари најави засилени мерки со цел да се подигне опфатот на имунизација
Засилени и строги мерки најави министерот за здравство со цел да се достигне опфатот на имунизација од 95%. Во моментот се разгледува кои законски можности ги имаат здравствените власти за да се обезбеди колективен имунитет на децата. Во тек е имунизација против сезонски грип, има 70 илјади бесплатни вакцини, над 50 илјади граѓани досега се пријавиле на вакцинација.мк...

Министерот се вакцинираше против сезонски грип. Со својот пример сака да ги мотивира граѓаните да се заштитат, но и своите колеги лекари, меѓу кои има и антиваксери. Во ноември најави засилени мерки на ресорното министерство со цел да се подигне опфатот на имунизација кај децата.
Здравствените работници во клиниките и болниците кои се држат на медицина базирана на докази и сакаат да се заштитат од сезонскиот грип тоа ќе можат да го сторат на работното место, Институтот за јавно здравје на терен ќе испрати мобилни тимови.
Од понеделник до сега од сезонски грип вакцинирани се 10.000 граѓани. Над 50 илјади аплицирале на вакцинација.мк. Годинава надлежните обезбедија 70 илјади бесплатни дози. Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи население – лица над 65 години, хронично болни, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
Наташа Јанчиќ-Менковски
