Турција

По терористичкиот напад, Турција ги нападна позициите на ПКК во Ирак и Сирија

24.10.2024 12:56

По крвавиот терористички напад во Анкара, Турција тргна во одмазда. Нападна врз цели на Курдската работничка партија во северна Сирија и во Ирак. Во Анкара и денеска строги мерки на претпазливост по крвавиот напад во кој загинаа пет лица, а десетици беа ранети.

Ден по терористичкиот напад во Анкара, Турција жестоко удри врз цели на Курдската работничка партија во северна Сирија и Ирак. Иако засега никој не ја презеде одговорноста, турските власти го вперија прстот кон организацијата на курдите.

„Извршена е воздушна операција против терористички цели на северот на Ирак и Сирија. Успешно се уништени вкупно 32 терористички цели“, соопшти турското МВР.

Преземени се строги мерки на претпазливост во близина на фабриката за производство на воздухоплови, каде што се случи крвавиот напад во кој загинаа петмина, а повеќе од 10 беа ранети. Двајцата напаѓачи, маж и жена, се ликвидирани. Очевидци сведочат за ужасот и хаосот.

„Му се јавив на брат ми кој беше внатре, тој ми кажа дека експлодирала бомба и рече дека истрелите продолжиле. Дојдов веднаш тука, настана голем метеж. Специјалците, жандармеријата, сите беа тука. Имаше и амбулантни возила. Потоа телефоните се исклучија, не можев да воспоставам комуникација“, вели очевидец.

„Ова е подмолен терористички чин. Посакувам Алах да ги упокои душите на нашите маченици“, изјави турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Пред терористичкиот напад, лидерот на турската крајнодесничарска партија ја отвори можноста затворениот лидер на ПКК да добие условна слобода, доколку се откаже од насилството и ја распушти својата организација. Прокурдската политичка партија, која го осуди нападот, истакна дека тој нападот се случил во време кога се отвора можноста за дијалог за прекин на конфликтот.

 

Маја Стојанова