Урсула фон Дер Лајен во посета на Македонија

Проширувањето на ЕУ останува врвен приоритет, потребни се уставни промени за чекор напред

24.10.2024 13:13

Цвеќе на аеродром, високи воени и државни почести на дочекот во Влада. Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен во посета на Скопје. Имаше средби со државниот врв …

Проширувањето ќе остане врвен приоритет на Европската комисија во следните пет години. Имаме јасна цел, а тоа е да се отвори кластерот фундаментални вредности што е можно поскоро. Треба да поминат уставните промени на кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи. Ова го истакна претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе направат потребните заеднички чекори за напредок и уверена сум исто како и вас дека можеме да ги надминеме пречките кои постојат-нагласи Фон дер Лајен.

Претседателката на ЕК посочи дека Северна Македонија постигна многу и дека покажа одлучност во преземањето на секој чекор.

Премиерот Мицкоски истакна дека Владата високо ја цени заложбата на претседателката на ЕК за нашиот евроинтеграциски пат и дека очекува ЕУ заедно со нас да помогне како да го продолжиме тој пат почитувајќи го ставот на граѓаните. Мицкоски изрази убеденост дека заедно може да се надминат овие пречки.

Од Владата известува Марина Стојанова-Тонева