Жители на кумановски Шупли Камен излегоа на протест
Жители на кумановски Шупли Камен излегоа на протест, револтирани поради изградбата на пругата. Изразија незадоволство бидејќи се блокирани привремените премини и немаат пристап до земјоделските земјишта. Од Железници пак тврдат одговориле на дел од барањата …

Жители на кумановски Шупли Камен излегоа на мирен простор. Тие го блокираа влезот на селото, револтирани бидејќи фирмата изведувач на железничката пруга и Железници Инфраструктура, не ги исполниле нивните барања. Овие мештани укажуваат дека речиси една седмица се блокирани привремените премини, па им е попречен патот кој води кон нивните ниви, има дел и куќи. Бараат да се исполни ветеното за да можат непречено да се движат.
„Дојдоа во петок не известија ќе се прави технички прием на пруга и овие премини ќе бидат затворени. На само заминување од работа на премините истресоа тампон и ние не можеме да ги користиме, нема друго освен да правиме блокади“, вели еден жител.
„Што правеа осум месеци, експропријација, ние не знаеме, сега не тераат стоката и луѓето да поминуваат на премин кој е оддалечен 4 км во еден правец и пак да се врати, замислете стоката да се води по асфалт да се загрозат сите луѓе“, дополнува друг.
„Да има каде да поминеме до полето, реката, сега не отсекоа и не тераат да одиме овде по асфалт за каде да одиме во Куманово?, вели трет.
„Немам крилја јас да летам и дедото и парадедото тука сме живееле, тука живееме“, нагласи жител.
„Сто куќи има сите имаме имот таму, јас сум регистриран земјоделец, не можам да дојдат, губиме сите“, укажа друг.
Првиот човек на Железници инфраструктура информира дека како претпријатие веќе одговориле на дел од барањата на жителите. Потенцираше дека е изграден пристапен пат, на неполни 500 метри вели постои и надвозник, каде тие ќе имаат безбеден премин.
„Мора да се сме свесни кога се градат капитални инфраструктурни проекти тие се за да одговараат на најголем дел од населението, за жал секогаш ќе постои каде нема да биде се перфектно, но ние стоиме на располагање и се презема се за да се олесни нивно функционирање, но не и поминување преку пруга“, укажа Ивановски.
Мештаните бараат средба со надлежните. За протестот ги известиле сите институции.
Овие жители нема да се откажат од своето барање и посочуваат дека ќе протестираат сè додека не се слушне нивниот глас.
Елена Георгиевска
