Турција нападна позиции на ППК
По крвавиот терористички напад во Анкара, Турција тргна во одмазда. Нападна врз цели на Курдската работничка партија во северна Сирија и во Ирак. Во Анкара и денеска строги мерки на претпазливост по крвавиот напад во кој загинаа пет лица, а десетици беа ранети...

Ден по терористичкиот напад во Анкара, Турција жестоко удри врз цели на Курдската работничка партија во северна Сирија и Ирак. Иако засега никој не ја презеде одговорноста, турските власти го вперија прстот кон организацијата на Курдите. Претседателот Ердоган дециден – крвавиот напад дополнително ја зајакна решителноста на Турција во борбата против тероризмот.
„Благодарен сум на сите наши пријатели за нивната солидарност против предавничкиот терористички чин извршен во Анкара. Овој гнасен напад дополнително ја зајакна нашата решителност и решителноста на Турција да го елиминира тероризмот“, изјави Реџеп Таип Ердоган – претседател на Турција.
Преземени се строги мерки на претпазливост во близина на фабриката за производство на воздухоплови, каде што се случи крвавиот напад во кој загинаа петмина, а десетици се ранети. Двајцата напаѓачи – маж и жени се ликвидирани. Очевидци сведочат за ужасот и хаосот.
„Му се јавив на брат ми кој беше внатре, тој ми кажа дека експлодирала бомба и рече дека истрелите продолжиле. Дојдов веднаш тука, настана голем метеж. Специјалците, жандармеријата сите беа тука. Имаше и амбулантни возила. Потоа телефоните се исклучија, не можев да воспоставам комуникација“, изјави очевидец.
Пред терористичкиот напад, лидерот на турската крајнодесничарска партија ја отвори можноста затворениот лидер на ПКК да добие условна слобода, доколку се откаже од насилството и ја распушти својата организација. Прокурдската политичка партија, која го осуди нападот, истакна дека тој нападот се случил во време кога се отвора можноста за дијалог за прекин на конфликтот.
Маја Стојанова
