Во МНР средба на Мешовитата историска комисија, прва со новиот состав на македонскиот тим
Бугарската делегација од Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, пристигна во МНР на закажаната средба со целосно подновената македонска делегација. Почна нивниот состанок.

Последната средба беше на крајот на мај во Софија, а средбата во Скопје наместо на 18-ти и 19-ти септември беше одложена поради смена во македонскиот тим историчари.
Претседателот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, пред почетокот на средбата изјави дека ќе се запознае со своите нови македонски колеги и не знае за што точно ќе расправаат овие два дена во Скопје.
Од македонскиот тим не сакаа да кажат дали ќе бараат ревидирање на некои од веќе усвоените заклучоци на комисијата, за што е потребна согласност и од бугарската страна.
Мешовитата комисија е формирана по Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија од 2017-та година. За овие седум години комисијата усвои препораки за заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самуил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија. Комисијата заглави на темата околу Гоце Делчев.
По дводневната средба за заклучоците ќе биде објавено заедничко соопштение.
Ирина Гелевска
