Потпишан Меморандум за разбирање со Британскиот совет
Со потпишувањето на Меморандумот се реафирмира 30-годишното партнерство и пријателство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, а со тоа и можноста за поголема достапност на програмите на Британскиот совет во нашата земја...

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и директорката на канцеларијата на Британскиот совет за Западен Балкан, Клер Сирс, денеска потпишаа Меморандум за разбирање за периодот 2024 – 2027 година, кој е важен чекор кон зајакнување на соработката во областа на уметноста, културата и креативната економија.
Со потпишувањето на Меморандумот се реафирмира 30-годишното партнерство и пријателство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, а со тоа и можноста за поголема достапност на програмите на Британскиот совет во нашата земја и засилени кампањи за нивна афирмација.
Министерот изрази уверување дека Меморандумот ќе отвори нови можности за културна размена и соработка помеѓу уметниците и нагласи дека тој ќе биде платформа за иновации и креативност, а тоа ќе придонесе за подобрување на културниот дијалог и развој на локалната културна сцена. Таквата соработка ќе им овозможи на уметниците да се поврзат, да разменуваат идеи и да учествуваат во меѓународни проекти.
Со Меморандумот е предвидено да се спроведуваат проекти и активности во следниве области: градење капацитети за професионалци, филм, музика, визуелни уметности, театар, игри, технологија, културно наследство, дизајн, архитектура, мода и издаваштво.
Директорката Сирс очекува потпишувањето на Меморандумот за разбирање и улогата на Британскиот совет да придонесат за продлабочување на културните врски и за зголемување на иницијативите за реализација на значајни проекти.
Амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Н. Е. Метју Лосон, кој присуствуваше на потпишувањето, рече дека овој документ е значаен чекор за долгорочна и продуктивна соработка меѓу двете земји.
Очекувањата се дека Меморандумот ќе придонесе за продлабочување на културните врски и за зголемување на заедничките иницијативи.
