Македонија

Заради игнорантскиот однос за проблемот со водата, Струмица го напушта ЗЕЛС

24.10.2024 16:48

Заради игнорантскиот однос за проблемот со водата од страна на надлежните државни институции, Струмица го напушта ЗЕЛС. Вака соопштија од Општина Струмица според кои ЗЕЛС не покажал никаков интерес да се надмине овој проблем. АХВ тврди дека водата бактериски е неисправна, а Комуналец од Струмица го тврди спротивното...

Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење. Вака денеска соопштија од Општина Струмица откако вчера Агенцијата за храна и ветеринарство ја продолжи забраната за користење на водата за пиење а властите во Струмица дознаа од медиумите.

„ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека МЗШВ под чија надлежност е браната Турија од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветеринарство со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани“, вели Костадин Костадинов.

Вчера попладне АХВ објави дека по вонредниот инспекциски надзор кај четири мостри биле пронајдени колиформни бактерии, а манганот бил во рамките на дозволеното ниво.

„Сите мостри, по спроведените физичко – хемиски тестирања одговараат на законски дефинираните безбедносни критериуми, Микробиолошки, 4 од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата“, стои во соопштението од АХВ.

Струмички Комуналец денеска ги стави на увид 16-те микробиолошки анализи изработени од акредитирани лаборатории на водата во Струмица. Во сите анализи стои дека испитаниот примерок на вода е здравствено исправен велат од Комуналец од каде соопштија дека го немаат добиено резултатот од анализата од Институт за јавно здравје.

 

Ване Трајков