Ѓорѓиевски ги повика Јакимовски и Костадинов добро да размислат пред да излезат од ЗЕЛС
Општина Струмица ја напушта Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а нејзиниот пример ќе го следи и градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски...

Ако продолжи теророт на власта, и општина Карпош ќе ја напушти Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Градоначалникот на општината, Стевчо Јакимовски, се закани дека ќе излезат од ЗЕЛС, поради, како што вели, големите притисоци од централната власт.
Ако постојат проблеми да се решат на маса, а не на социјалните мрежи, вели претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, откако градоначалниците на Струмица и Карпош најавија дека ќе се откажат од членството во ЗЕЛС. Тој ги повика Јакимовски и Костадинов добро да размислат пред да го направат овој, како што рече, погрешен чекор. Ако има проблем, вели, заеднички ќе се бара решение, оти одлуката да го напуштат ЗЕЛС ќе биде на штета на граѓаните.
Секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС му штети и на ЗЕЛС и на сите општини, се огласи и министерот за локална самоуправа Златко Перински.
„Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и тоа веќе го потврдува преку конкретни решенија“, вели Перински.
Перински смета и дека со пренасочување на вниманието и политизирање на случајот губат сите, а најмногу граѓаните.
Ако градоначалници го напуштат ЗЕЛС, тоа не е добро за организацијата. Па, оттука, напуштањето на ЗЕЛС и не е така паметна одлука, првенствено за граѓаните на тие општини, рече поранешниот претседател на ЗЕЛС Коце Трајановски.
На повикот на Јакимовски и градоначалничката на Град Скопје да излезе од ЗЕЛС, Ѓорѓиевски само кусо прокоментира дека таа досега не се појавила на ниту една седница.
Борис Грујоски
