ДКСК ќе проверува дали Коцевски го прекршил законот
Антикорупциската комисија отвора предмет против републичкиот обвинител Љупчо Коцевски. Треба да се утврди дали постои судир на интереси. Неговото име се спомнува последниве две седмици откако двајца обвинители го обвинија дека им вршел притисок во работата...

Антикорупциска ќе проверува дали републичкиот обвинител Љупчо Коцевски го прекршил законот, бидејќи освен што е носител на највисоката функција во Обвинителството е и член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители за што месечно добивал 20 илјади денари.
Од Комисијата за МТВ потврдуваат дека е оформен предмет, но одлука сè уште не е донесена.
Во претставката којашто е стигнала на адреса на Антикорупциската комисија се наведува дека функцијата државен јавен обвинител е неспојлива со членувањето во Управниот одбор во Академијата и од тие причини се бара комисијата да утврди дали постои судир на интерес.
Коцевски за МТВ вели оти не знае дека антикорупциска оформила предмет. Негира дека законот е прекршен и вели дека членовите на Управниот одбор треба и мора да бидат судии и јавни обвинители.
„Дека членувањето во ова тело на Академијата не може да биде конфликт на интерес укажува и фактот што во управниот одбор членуваат и други вршители на високи функции во правосудството – претседател на Врховниот суд, на Советот на јавните обвинители и сл. Во следните денови, веднаш по истекот на мојот мандат јас ќе номинирам нов член на Управниот одбор на Академијата“, вели Коцевски за МТВ.
Минатата недела двајца колеги од скопското вишо обвинителство се пожалија дека Коцевски им сугерирал како да постапат во предметот со бонусите на СЈО. Коцевски негираше дека вршел притисок, а случајот ќе го разгледува Советот на јавните обвинители.
Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ вели дека Републичкото обвинителство има ингеренции и целосно да преземе случај, но не и да сугерира каква одлука да се донесе.
Ако утврди прекршувања, Советот треба да ги извести Владата и Собранието коишто директно се вклучени во процесот на избор на државен јавен обвинител.
Анита Димитријевска - Велковска
