На излегување од затвор, уапсен помилуваниот Равманоски
Инцидентот за кој се товари е од 14-ти октомври. Во Чаир пукал од пиштол, со умисла да убие, но лицето го повредил во нога, а барутните честички на рацете на Равманоски потврдиле дека тој пукал, соопшти Јавното обвинителство кое бара мерка притвор за осомничениот.

Ѝ се заблагодари на претседателката за помилувањето, но на вратата од затворот Идризово веднаш е уапсен и однесен пред истражен судија. Акиф Равманоски, еден од помилуваните од претседателката Гордана Сиљановска Давкова е осомничен за дело – убиство во обид. Инцидентот за кој се товари е од 14-ти октомври. Во Чаир пукал од пиштол, со умисла да убие, но лицето го повредил во нога, а барутните честички на рацете на Равманоски потврдиле дека тој пукал – соопшти Јавното обвинителство кое бара мерка притвор за осомничениот.
Низа негодувања предизвика помилувањето на десеттемина осудени. Покрај екс-градоначалникот на Битола, Талески помилувани се и неколкумина членови на криминални банди. Опозициската СДСМ бара од претседателката веднаш да ја повлече одлуката, но бара да се изјасни и министерот за правда Филков дали од министерството е дадено позитивно мислење за помилувањата.
Помилувањето не смее да биде злоупотребено за политичка битка – велат од Министерството за правда. Комисијата за помилување пред себе мора да ги има фактите за делото врз кое е донесена осудителната одлука како и пропратните документи без да биде наведено име.
„Имајќи ја предвид процедурата за помилување, но и временската рамка кога е испратено мислењето од Министерството за правда, во време на предизборие, се добива впечатокот дека овој процес е злоупотребен. Воедно, и отворањето на детали од процедурата од опозицијата посочуваат токму на подметнување на кукавичко јајце во овој процес“-велат од Министерството за правда.
И додека претседателката Гордана Сиљановска Давкова рече дека помилувањата се по предлог на комисијата и дека подоцна видела оти станува збор за интересни ликови во негативна смисла, еден од членовите на таа комисија посочи дека тие предлагаат, но последниот збор го има претседателката.
Миле Ристески
